Винсент Жерард ќе биде наследникот на Омејер и во ПСЖ

Францускиот репрезентативен голман Винсент Жерард постигна договор со управата на францускиот шампион ПСЖ со кој од сезоната 2019/2020 ќе се пресели во нивните редови. Голманот на Монпелје потпиша тригодишен договор со клубот од Париз.

Тој ќе дојде на местото на легендарниот француски голман Тјери Омејер кој ги брани последните сезони во ПСЖ и во својата кариера. На таа позиција ПСЖ по својата практика уште пред две сезони го договори шпанскиот голман Родриго Коралес, кој е член на Барселона, но во последните две сезони беше позајмен на полскиот вицепрвак Висла Плоцк. Коралес потпиша двегодишен договор со ПСЖ со важност до 2020 година. Шпанскиот интернационалец доаѓа на местото на Горазд Шкоф, бидејќи словенецот својот следен предизвик ќе го бара во германската Бундеслига.