Веспрем се поднови – потпиша со полскиот репрезентативец Пачковски

Тимот на Веспрем, каде што настапува македонскиот репрезентативец Дејан Манасков, полека почнува да го комплетира тимот за следната сезона.

Унгарскиот вицепрвак, кој сезонава ќе се потруди да ја врати круната од ривалот ПИК Сегед, потпиша едногодишен договор со полскиот репрезентативец Павел Пачковски.

Тој во моментов игра за Мотор Запорожје заедно со Жарко Пешевски и има одлична статистика по есенската полусезона во украинскиот тим.

Пачковски е играч на Келце, со кој имаше договор до 2020 година, но на обострано задоволство беше раскинат, а тој ќе ја доврши сезоната во Мотор каде што е позајмен од полскиот тим.

Во Веспрем од следната сезона треба да дојде и левиот бек на Висла Плоцк, Дан Емил Ракотеа, кој би требало да биде замената за Момир Илиќ, чиј договор нема да биде продолжен.