Веспрем и со младински тим ја освои Москва!

Тимот на Веспрем, иако за Москва на дуелот од СЕХА лигата против Спартак отпатува со младински тим засилен со Мачковшек и Секели, сепак успеа да слави во интересен натпревар со 23-26.

Во првиот дел избраниците на Роберт Гулјаш и Момир Илиќ отворија со водство од 0-5, но како одминуваше времето така и домашниот тим се враќаше во игра. На пауза се замина со нерешени 14-14.

И кога во второто полувреме се очекуваше Спартак да заигра уште подобро, сепак младинскиот тим на унгарскиот гигант беше тој што повторно стигна до солидна залиха. На десетина минути до крајот беше 19-23.

Кипарецот со конгоанско потеколо на голот на домаќинот – Нунгович, влезе во добра серија и Спартак израмни на 23-23. Во клучните моменти Спартак не реализираше, па Мачковшек казни на два пати.

Веспрем го затвори натпреварот со триумф, 23-26, а ова за унгарскиот тим беше трета победа во три натпревари.