Веспрем го „чисти“ ростерот, го прати Лигетвари на позајмица во Адемар Леон

Откако тренерот Љубомир Врањеш доби отказ, раководството на унгарскиот гигант Веспрем се ослободува од играчите што имаат мала минутажа на дуелите од Лигата на шампионите и ги праќа на позајмици.

Францускиот бек Вилијам Акамбре, ќе биде позајмен на словенечкиот шампион Целје Пивоварна Лашко, додека младиот унгарски репрезентативен лев бек Патрик Лигетвари до крајот на оваа сезона ќе ги брани боите на шпанскиот Адемар Леон.

Тој не може да добива минутажа во конкуренција на Момир Илиќ, Борут Мачковшек и Иман Џамали, па во Адемар ем ќе има простор за повеќе настапи, ем ќе биде дел од Лигата на шампионите.

Лигетвари дојде во Веспрем пред три сезони, но никогаш не беше во прв план. Претходно левиот бек беше меѓу главните ракометари во Балатонфуреди и стана стандарден репрезентативец на Унгарија. Покрај овие ракометари, Веспрем ги испрати и Анчин и Ѓери во ФТЦ на стартот на сезоната.