Веселин Вујовиќ пред новиот дуел со Вардар: Во Скопје и пред „Комити“ секогаш сум како дома

Утре во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ гостува екипата на Железничар од Ниш, а тоа значи дека пред скопската публика одново ќе се најде Веселин Вујовиќ, кој и понатаму е миленик на навивачите на Вардар.

Тренерот на Железничар е свесен кој е фаворит на утрешната средба, но знае дека со неговите ракометари ќе може да се обиде да покаже игра со која ќе ги предизвика „црвено-црните“ на добар натпревар.

„Вардар е екипа која е меѓу фаворитите во Лигата на шампионите, па практично и на дуелот против нас. Ние ќе се обидеме да одиграме добар натпревар и да ја вратиме самодовербата пред дуелите кои ни следуваат. Видовме на дуелот од Купот на ЕХФ дека ќе ни биде потребно подолго време за да успееме да ги составиме сите работи на правилен начин. Ќе мораме и утре да играме без повредениот Предраг Вујин, како и без голманите Данило Михалевиќ и Марко Кнежевиќ, кои исто така се жалат на повреди“, вели тренерот на Жечезничар, Веселин Вујовиќ.

Тој вели и дека секогаш кога доаѓа во Скопје се чувствува како да е дома.

„Секоја посета на Скопје кај мене буди посебни емоции. Секогаш кога играм пред групата фантастични навивачи ‘Комити’ која знам дека ме обожува јас сум презадоволен. Во прекрасна сала, против голем противник, во град каде поминав шест убави години мене ми е навистина прекрасно. Тука можам да ги видам и моите добри пријатели. Сепак, во моментов морам да бидам концентриран на играта на Железничар и како да продолжиме со добри игри“, вели Вујовиќ.

Средбата се игра утревечер од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“, а Вардар е фаворит за победа на овој дуел.