Велес останува без ракомет во новата сезона?

На два месеци до почетокот на новата сезона во Супер машката лига одново има проблеми кај дел од клубовите и исто како лани се поставува прашањето дали Лигата ќе брои десет екипи или пак ќе мора да се игра со девет. Во улогата на Младост сега е ГРК Борец, клуб кој успеа да обезбеди директен опстанок во минатата сезона.

300x250

Велешани одново се соочуваат со финансиски проблеми и одново е истата ситуација како и за време на зимската пауза кога исто така не се знаеше дали ќе ја продолжат сезоната. Тогаш успеаја да се договорат, но сега играчите и раководството се жалат дека од општината добиле само две од петте плати.

Оттаму со сооштение на Фејсбук профилот на клубот играчите и раководството ја известија јавноста дека следната сезона може да нема ракомет во Велес.

„Почитувани љубители на ракометот и спортот,ве известуваме дека поради игнорантскиот однос од страна на Општина Велес на чело со градоначалникот Аце Коцевски спрема целиот колектив на ГРК Борец во прашање е доведено понатамошното опстојување на клубот.

Имено и покрај големото намалување на буџетот за последната полусезона играчите добија само 2 од договорените 5 плати.Клубот и покрај намалениот буџет,неисплаќањето на платите и настапувањето со млади домашни играчи успеа да избори опстанок и учество во супер лигата и наредна сезона,сезона во која учеството на Грк Борец е доведено во прашање.

Самите изјави на првите луѓе на Велес дека за нив спортот е на последно место доволно кажува дали наредната сезона ке има ракомет во нашиот град.

Поради гореонаведените причини ве известуваме дека правдата ке ја бараме на суд.

Со почит

Играчите и стручниот штаб на ГРК Борец“, стои во соопштението од тимот од Велес.