Вардар Јуниор тргна со победа во плеј-аутот

На отварањето на плеј-аут натпреварувањето од Супер машката лига ракометарите на Вардар Јуниор имаа одлично гостување во Велес каде што славеа против тимот на Борец со 41:30.

Без поголеми проблеми екипата на Вардар Јуниор успеа да го совлада подмладениот тим од Велес, кој според прикажаното ќе има тешка задача во продолжението на сезоната да обезбеди опстанок во Супер лигата. Уште од почетокот на натпреварот гостите јасно покажаа желба за победа. Многу брзо Вардар Јуниор направи сигурна предност од пет гола кога поведе со 10:5, а до крајот на полувремето победникот беше решен бидејќи предноста само се зголемуваше.

На полувреме Борец имаше негатива од 14 гола, 9:23. Во продолжението Вардар Јуниор лесно ја одржуваше предноста за рутинска победа оправдувајќи ја фаворитската улога на овој натпревар.

Најефикасен играч во составот на Борец беше Лазар Стојанов со постигнати десет гола, а во екипата на Вардар Јуниор предводник до победата беше Стефан Чакалиќ кој 11 пати се запиша во листата на стрелците. Во следното коло Вардар Јуниор го пречекува Радовиш, додека Борец ќе гостува во Охрид.

БОРЕЦ – ВАРДАР ЈУНИОР     30:41 (9:23)

Сала: Гемиџии во Велес. Судии: Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.

БОРЕЦ: Митревски, Димов 5, Стојанов 10, Манев 2, Ристов 7, Дамески 5, Ристевски 1, Мартинов, Кузмановски.

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 6 мин.

ВАРДАР ЈУНИОР: Димов 3, Атанасовски, Гашовски, Петковски, Анѓеловски, Ќосевски 4, Ставровски, Јанковски 3, Нанов 7, Цветановски, Карапалевски 4, Чакалиќ 11, Анѓелковски 1, Ѓоргиев, Јакимовски 5, Трајковски 3.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 4 мин.