Вардар Јуниор немоќен пред Андоновски, Тинекс Пролет победнички низ „Кале“

Ракометарите на Тинекс Пролет ги однесоа бодовите од гостувањето кај Вардар Јуниор во СРЦ „Кале“, откако избраниците на Илија Темелковски победија со 20:29 во рамките на 4 коло од плеј-аут во Суперлигата.

По 1:1 на стартот гостите се одлепија на сигурни 1:6, преку Андоновски, Ролевски и Мајнов, а младите вардарци вториот гол го дадоа преку Поповски дури во 13 минута. Репрезентативното крило беше најекспонирано во овие моменти и погодуваше во серија за 5:7. Беше и 6:8, па 7:9, пред Ролевски и Андоновски да зголемат на 7:11, а разликата од 4 голови гостите ја одржаа до полувреме за 9:13.

Вториот дел започна со голот на Поповски за 10:13, а Андоновски погоди за 10:14. Во следниот напад имаше пенал за Поповски, но според судиите Металари и Николовски, дел од играчите на Пролет предвреме влегле во просторот од 9 метри и пеналот беше повторен. Тоа наиде на големи протести од Темелковски, кој за приговорите доби жолт картон, а вардарци добија напад.

Нервозата од клупата не се прелеа на теренот, па играчите на Пролет дури и ја зголемија предност на највисоки 6 плус, 14:20. Беше и 15:21, домаќините тешко доаѓаа до позиција, а ако дојдеа, голманот Кимевски се испречуваше пред нив. До крајот само рутински беше одработена задачата од страна на гостите, за конечни 20:29.

Најдобар во победничкиот состав беше Ласко Андоновски со 7 голови, Ролевски и Василевски Александар дадоа по 5, додека кај домашните се истакна Мартин Поповски со 8 голови. И пред овој меч, Тинекс Пролет беше сигурен за опстанокот, а Вардар Јуниор ја одржува разликата од 4 бодови предност пред Металург 2, кој има натпревар помалку