Вардар јуниор и Радовиш ја отвораат суперлигашката сезона

Новата сезона во Супер машката лига денеска требаше да стартува со дербито за Битола меѓу Пелистер и Е. Работник, но овој дуел поради технички причини и довршувањето на работите околу реновирањето на салата е одложен за во вторник. Од 18:30 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ќе бида затворено првото коло, па тогаш ќе се види кој клуб од Битола одработил подобро во подготовките.

Затоа денеска со мечот Вардар јуниор – Радовиш стартуваат битките за новата сезона во која на почеток има одредено подредување на екипите според квалитетот и шансите за пласман на крајот. Е. Работник, Пелистер, Пролет и Бутел Скопје според повеќето тренери од Супер лигата се сметаат за четирите екипи со најмногу шанси за пласман во плеј-офот. Веднаш зад нив доаѓаат Охрид и Струга, додека Радовиш и Прилеп имаат поголеми шанси за опстанок отколку Вардар јуниор и Борец.

Сепак, сето ова е на хартија, а денеска и утре со одигрувањето на првото коло ќе се види дали и навистина ќе биде така на теренот.

Вардар јуниор и Радовиш денеска ќе покажат кој влегува со подобро подготвен состав односно кој тим има поголеми шанси за бодови кои ќе дадат поубаво продолжение на сезоната. Пред мечот шансите се речиси еднакви на двете страни.

Струга е на хартија фаворит против Борец. Со оглед на проблемите кои велешани ги имаа во текот на ова лето и младиот состав ова треба да биде средба на која стружани ќе се изборат за бодови.

Затоа, пак, утре ќе има две интересни средби. Новиот суперлигаш Бутел Скопје ќе се пресмета со Прилеп, кој покажува напредок во формата. Домаќинот е фаворит и тука не би требало да биде проблем да ги освои бодовите, но мора да се биде внимателен бидејќи составот на Прилеп сигурно ќе знае да биде опасен.

Што се однесува до Пролет и Охрид тоа ќе биде дуел на две екипи кои лани котираа високо. Пролет е во предност бидејќи нема промени во составот. Речиси сите играчи кои и лани играа и сега се во тимот, па тоа сигурно ќе биде предност на теренот. Охрид има изменет состав, но со искусни играчи така што ќе знае да се спротистави и нијанси ќе решаваат за победникот.

СУПЕР МАШКА ЛИГА

САБОТА, 15 СЕПТЕМВРИ

18:00ч

ВАРДАР ЈУНИОР – РАДОВИШ

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје. Делегат: Благој Петров од Велес.

19:00ч

БОРЕЦ – СТРУГА

Сала: Гемиџии во Велес. Судии: Спаско и Глигор Ќаеви од Скопје. Делегат: Лери Мирчески од Скопје.

НЕДЕЛА, 16 СЕПТЕМВРИ

12:00ч

БУТЕЛ СКОПЈЕ – ПРИЛЕП

Сала: Иван Хаџи Николов во Скопје. Судии: Виктор Начевски од Скопје и Даниело Божиновски од Битола. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

19:30ч

ПРОЛЕТ 62 – ОХРИД

Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

ВТОРНИК, 18 СЕПТЕМВРИ

18:30ч

ПЕЛИСТЕР – Е. РАБОТНИК

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегати: Камер Металари и Душко Камишевски од Скопје.