Вардар СЦЈС трет пат по ред постигнува 40 голови

Ракометарките на Вардар СЦЈС го одиграа последниот меч во регуларниот дел од сезоната во Женската лига и забележаа победа со 21:40 (11:22) на гостувањето кај Гевгелија. Сега остануваат настапите на Ф4 турнирот во недела, каде избраничките на Симе Симовски ќе разигруваат за титулата.

Вардарки го освојуваат второто место на табелата во конечното рангирање, бидејќи според пропозициите на Ф4 ќе се разигрува само за титулата, а другите места ќе се превземат од она како завршил тимот во регуларниот дел. Младите вардарки, регуларниот дел го завршија како првопласирани пред Металург и Куманово, но за титулата апсолутен фаворит е Вардар.

На гостувањето во Гевгелија, „неизвесно” беше само во почетните минути, кога домашните ракометарки поведоа со 2:0, а потоа трипати се приближија на минус 1. Се друго беше потоа во знак на „црвено-црните”. Од 6:7 вардарки зголемија на 9:11, а потоа имаа уште една серија за водство 9:19.

Тогаш беше речиси веќе јасно дека не само што ќе триумфираат, туку дека тоа ќе биде и со висока разлика. На полувреме се замина со 11:22. Со исто темпо продолжија младите вардарки и во второто полувреме, и постојано имаа предност од 16-17 голови. Највисоката плус 19 ја имаа токму на крајот на средбата за конечни 21:40.

Најдобра во победничкиот состав беше крилото Сара Митова со 13 голови, додека Симона Стојановска даде 9, а кај домашниот тим се истакна Михаела Митревска со 7 голови.