Вардар со пораз ја отвори новата сезона

Новиот тренер на Вардар, Роберто Гарсија Парондо претрпе пораз со „црвено-црните“ на својот прв меч како стратег на шампионот на Македонија. Вардар загуби од Хамбург со 25:31 во меч во кој противникот одигра одлично во второто полувреме и имаше многу расположени голмани кои одбранија неколку зицери.

Вардар тргна добро во мечот и успеа да има предност од гол во првите неколку минути. Постојано Вардар беше во гол позитива, но ракометарите на Хамбург успеваа да израмнат. Дури во 8. минута дојдоа и до прво водство од 4:3, но вардарци брзо ссе вратија во позитива и одново имаа 5:4.

На средината од првото полувреме дојде и првата предност од два гола. Тогаш Вардар поведе со 9:7 и овие два гола ги чуваше неколку минути. Сепак, до крајот на првото полувреме неколку удари завршија со одбрана на голманот на Хамбург и тоа придонесе за Вардар да замине на одмор со негатива од 15:16.

Почетокот на второто полувреме не одеше најдобро за Вардар. Хамбург брзо дојде до плус четири и поведе со 16:20. Овие четири гола вардарци успеаја да ги намалат, но не и да ги неутрализираат целосно. Хамбург одново успеа да дојде до подобар резултат. Четирите гола предност ги чуваше без проблеми во текот на целото второ полувреме.

На шест минути до крајот Хамбург имаше и шест гола предност, па тука стана јасно кој ќе победи на овој натпревар. Вардар во второто полувреме имаше многу лоша реализација и тука и можеше да се побара причината за поразот.

Парондо им даде на сите по 15 минути во двете полувремиња,  па имаше промени во ритамот и во играта. Сепак, факт е дека ракометарите уште се далеку од потребната форма

На оваа средба го немаше Карачиќ, кој не беше боопшто во составот и средбата ја следеше од трибините.

ВАРДАР: Милосављев (4 одб.), Петковски (4 одб.), Чупиќ 5, Мораеш 5, Горбок 2, Кисељев 1, Скубе 2, Шишкарев 2, Борозан 2, Војводиќ 2, Стоилов 2, Кристопанс 1, Поповски 1.