Вардар со победа над Нексе стави точка на фантастичната сезона во СЕХА

Ракометарите на Вардар го совладаа Нексе со резултат 29-25(11-12), и на најдобар можен начин, без ниту еден пораз го завршија регуларниот дел на Сеха Гаспром Лигата. “Црвено-црните” на престојниот фајнл-фор турнир чиј домаќин е Скопје важат за фаворити во обидот да ја одбранат титулата во Сеха Гаспром Лигата.

По неколкуте стартни промашувања, Лебан го отвори натпреварот за водство на Нексе од 0-1. Цели седум минути им беа потребни на вардарци да го постигнат првиот погодок на натпреварот кој беше дело на Канељас, а во продолжение “црвено-црните” одржуваа минимална позитива помеѓу еден и два разлика. Сепак, послените десетина минути им припаднаа на гостите од Хрватска. Голманот Лелиќ нанижа неколку добри интервенции, а со погодоите на Етер и Зрниќ, Нексе стигна до израмнување 8-8 во 22.минута. По почетните 0-1, Нексе преку Баришиќ Јаман стигна до второ водство од 9-10, а оваа предност успеа да ја оддржи до крајот на првиот дел откако Лебан погоди во последната секунда за конечни 11-12 на полувреме.

Осум минути игра во вториот дел беа потребни на вардарци да го вратат водството на своја страна. Милиќ беше одличен на голот стигнувајки до својата десетта одбрана, а Шишкарев во контра напад погоди за 17-16. Во продолжение Вардар успеваше да одржи позитива помеѓу еден и два разлика, се до 50.минута кога Лука Циндриќ ги донесе највисоките +3 (24-21) во 50.минута. До крајот Нексе успеа да стигне до -1, (26-25), но вардарци со серија од 3-0 го решија мечот за конечни 29-25.

Најпрецизен кај Вардар беше Циндриќ со седум гола, а го следеше Чупиќ со пет. Страхиња Милиќ блескаше на голот со 14 интервенции. Во екипата на Нексе најрасположени за игра беа Анте Гаџа и Марин Шипиќ со четири гола.