Вардар со Оцвирк го напаѓа актуелниот освојувач на Лигата на шампионите

До првиот натпревар од новата сезона од Лигата на шампионите за тимот на Вардар останува уште малку (17:30ч), а „црвено-црните“ за овој меч сметаат само на едно од последните две засилувања.

300x250

Бекот Грегор Оцвирк е пријавен за настап и тој во новата сезона ќе настапува со дресот со број осум. Тој доаѓа како замена за повредениот Горбок, а денеска ќе го има своето деби за Вардар.

Оцвирк не настапи на последниот меч од СЕХА-лигата, па ќе треба да биде освежување во играта на Вардар и воедно и изненадување на стартот од Лигата на шампионите.

Вардарци денеска се среќаваат против тимот од кој ја загуби титулата во минатата сезона. Практично денеска следува пресметка меѓу двете екипи кои се последни освојувачи на трофејот во Лигата на шампионите и тоа секако ќе биде одличен старт на новата сезона во најсилното натпреварување на клупски план.

Со оглед на тоа што Монпелје има горе-долу ист состав како лани има предност пред овој меч. Воедно ја почнува сезоната на домашен терен, но затоа го има и притисокот со кој лани мораше да се соочува Вардар. Оттаму шампионите од 2017 година сега имаат олеснета задача односно го немаат притисокот над себе и можат да тргнат по скалпот на актуелниот првак.

Ова во секој случај ќе биде интересен меч, а Парондо за денешната средба не можеше да смета на новиот голман Калифа Гедбан. Затоа денеска во составот ги има: Милосављев, Кизиќ, Борозан, Чупиќ, Дибиров, Мораеш, Калараш, Карачиќ, Кисељев, Скубе, Кристопанс, Оцвирк, Мишевски, Поповски, Шишкарев и Војводиќ. Поради повреда покрај Горбок го нема и капитенот Стојанче Стоилов.