Вардар се комплетира: Мораеш, Криштопанс и Гедбан тренираат, наскоро се приклучува и Борозан

Тимот на Вардар полека се комплетира и тројца играчи кои беа на листата на повредени, сега се приклучија на подготовките на екипата. Пивотменот Рожерио Мораеш, бекот Даинис Криштопанс и голманот Калифа Гедбан ги минаа лекарските прегледи и добија дозвола да тренираат со екипата.

Засега ќе тренираат под посебен надзор на Марија Лојаница која ќе работи заедно со нив н подобрување на физичката кондиција. Ракометарите работат што побрзо да се вратат во добра физичка кондиција за да може да ги издржат предизвиците следните месеци во Лигата на шампионите, СЕХА лигата и во домашното првенство.

Останува уште Вуко Борозан да ги мине лекарските прегледи и да добие дозвола за приклучување на екипата. Со тимот под полна пареа работи и голманот Даниел Ѓорѓески кој уште лани имаше повреда поради која не настапуваше во есенскиот дел од сезоната. Последниот што се очекува да се приклучи е Сергеј Горбок кој се уште е под специјален третман.

Во моментов дел од ракометарите и стручниот штаб се наоѓаат на СП во Германија, а другите тренираат во Скопје. Тренерот Роберто Парондо заедно со Стојанче Стоилов и Мартин Поповски се дел од репрезентацијата на Македонија. Дејан Милосављев е со репрезентацијата на Србија, а Дејан Периќ, Тимур Дибиров, Димитри Кисељов, Данил Шишкарев и Глеб Калараш настапуваат со репрезентацијата на Русија. Грегор Оцвирк е на подготовки на младинската репрезентација на Словенија.

Првиот натпревар Вардар треба да го игра на 31 јануари во Нови Сад во рамките од СЕХА лигата против тимот на Војводина. Во февруари македонскиот тим го очекуваат и три натпревари од Лигата на шампионите, против Рајн Некар, Веспрем и Кристијанштад.