Вардар против Жељо го подобрува рекордот во СЕХА

Вечерва од 20:15 часот во салата во СЦ „Јане Сандански“ ракометарите на Вардар ќе ја имаат битката од 2. коло во СЕХА-лигата каде ќе се соочат со составот на Железничар од Ниш, кој е дебитант во натпреварувањето.

Вардарци денеска одат по нова победа, која може да им го донесе 28. натпревар без пораз во СЕХА, а воедно и 27. победа на овие средби со оглед на тоа што од крајот на 2016 година немаат загубено натпревар во регионалното натпреварување.

Ситуацијата е таква што Вардар е голем фаворит за триумф против тимот од Ниш кој како дебитант имаше лош старт бидејќи загуби на домашен терен во 1. коло од тимот на Војводина. Веселин Вујовиќ се надева дека денеска со своите момци ќе има подобра игра и ќе успее да му се спротистави на составот на Вардар во колку може поголем дел од средбата.

Очекувањата се Вардар да забележи и 2. победа сезонава, додека Железничар ќе мора да почека на некој друг натпревар да надомести и дојде до првите бодови во деби сезоната во СЕХА.

Инаку, со овој натпревар се отвора 2. коло од регионалното натпреварување додека утре Металург ќе му гостува на Мешков Брест.