Вардар нема да игра на Супер глоуб, вајлд-картата ја доби Фуксе Берлин

Списокот на учесници на Супер глоуб турнирот во Доха за 2018 година е затворен, а меѓу нив нема да биде Вардар. Шансата да се најде на овој турнир за освојувачот на титулата во Лигата на шампионите од 2017 година беше преку вајлд-карта, но нема ништо од ова бидејќи истата заврши кај Фуксе Берлин, тим кој победуваше во 2015 и 2016 година на турнирот, а лани игрше финале.

Германците со задоволство ја прифатија можноста да играат и на овој турнир, па сосема извесно е дека и годинава ќе бидат кандидати за освојување на трофејот.

На Супер глоуб турнирот годинава ќе има три екипи од Европа, а покрај Фуксе Берлин тоа ќе бидат и актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, Монпелје како и тимот кој ја брани титулата на натпреварувањето од лани, Барселона. Претставник на домаќинот е Ал Сад, додека Ал Најма од Бахреин ќе ја претставува Азија. Хамамет од Тунис е тимот од Африка, додека Универзитетот Сиднеј е најдобриот тим од Океанија. Таубате од Бразил го затвора списокот како шампион на Пан-Америка.

Ова се осумте екипи кои од 16 до 19 октомври во Доха ќе разигруват за титулата, а сосема извесно е дека европските клубови се со улогата на фаворити.