Вардар Неготино скапо му ја „продаде“ кожата на Металург Јуниор

Иако играа на гостински терен во Скопје, ракометарите на Вардар Неготино имаа поддршка од своите навивачи исто како да играа дома. Во салата на ОУ „Круме Кепески“, Металург Јуниор на крајот победи со 30:28 по голема борба на теренот, во интересен и драматичен меч.

На почетокот се играше гол за гол, пред домашните да го направат првиот исчекор и да поведат со 10:8, а имаа и плус 3 во 26 минута, 13:10. Сепак на пауза се замина со 15:13. Во вториот дел преку Коцев гостите намалија на 17:16.

Десниот бек Петковски обезбеди плус 4 за Металург Јуниор, 22:18 во 41 минута и домашните помислија дека ќе биде лесно до крајот. Искусниот Велјанов намали на 23:22 во 48 минута, а гостите имаа и напад за реми, кој не беше искористен.

По 26:23, Вардар Неготино имаше уште еден камбек преку Трајков и Коцев за 26:25. Гостите сепак направија наивни грешки во финишот, а Металург Јуниор знаеше тоа да го искористи и преку Новаковиќ и Симоноски да ја заокружи победата со 30:28.

По натпреварот имаше тензија меѓу ракометарите и дел од публиката, но набрзина се смири ситуацијата и не се случи ништо посериозно. Најдобри во домашниот состав беа Новаковиќ и Симоноски со по 6, како и Гичев и Петковски со по 5 голови.

Во составот на Вардар Неготино, кој се покажа како тврд орев за Металург Јуниор, Димитар Коцев беше најдобар стрелец со 6 голови, искусниот Ристе Трајковски даде 5, исто колку и Лазар Арсов, додека по 4 погодоци имаа Паланков и Трајков.