Вардар Неготино се помачи со Македонија Ѓорче Петров, но на крајот ги освои бодовите

Екипата на Вардар Неготино беше домаќин на составот на Македонија Ѓорче Петров во четвртото коло од плеј-оф натпреварувањето во Првата лига. Победник во овој дуел беше домашниот состав со 23:22.

Иако можеби фаворит на овој натпревар беше Вардар Неготино, сепак не ја оправдаа таа улога на терен, но сепак излегоа како победници. Тие во финишот на првото полувреме направија предност од два гола кое го задржаа до крајот и на одмор отидоа со предност 14:12.

На почетокот на второто полувреме гостите од Ѓорче Петров го свртеа резултатот во своја корист и поведоа 18:17. Сепак не издржаа пред налетите на противникот и од ова гостување се враќаат со пораз.

Најефикасен во победничкиот состав беше Ристо Трајковски кој постигна осум гола и беше најзаслужен за оваа важна победа, а средниот бек Драган Кузманов не играше поради повреда. Кај гостискиот тим шест гола постигна Александар Ѓорѓевски.

Во наредното коло во Неготино повторно гостува скопска екипа кандидат за пласман во Суперлигата – Работнички, а Македонија Ѓорче Петров повторно гостува овој пат кај тимoт на Преспа.