Вардар го чека својот противник, сите сакаат да го избегнат

До крајот на групната фаза во СЕХА-лигата има уште две кола, а три екипи се во опција за да бидат ривали на Вардар во полуфиналето на завршниот турнир кој од 13 до 15 април ќе се одигра во Скопје.

300x250

Јасно е дека покрај Вардар на Ф4 турнирот се пласираа и Загреб, Целје и Брест. Овие три екипи се во разлика од три бода, па затоа последните две кола ќе го дадат одговорот за двојките од кои ќе се добијат финалистите за 15 април.

Засега ситуацијата е таква што Загреб е на 2. место со 34 поени, додека Целје има 32, а Брест 31 поен. Со оглед на тоа што за триумф се добиваат по три бода секој кикс во последните две кола може да чини скапо и да ги помести работите на табелата.

Според актуелната ситуација ривал на Вардар треба да биде Брест. Сепак, малата разлика нуди интересен расплет на работите и затоа прво денеска и утре, а потоа и за викенд ќе има интересни дуели.

Распоредот вели дека ППД Загреб утревечер гостува кај тимот на Динамо во Панчево, а во последното коло на домашен терен ќе има директен дуел со Брест Мешков. Белорусите, пак, денеска од 18 часот го пречекуваат Горење и сосема извесно е дека ќе имаат тешка недела со оглед на тоа што и двата дуели ќе бидат тешки.

Што се однесува до Целје овој тим денеска ја пречекува Војводина, а последниот меч во сезоната ќе го има во Скопје. В недела од 17:45 часот му гостуваат на составот на Металург.

Оттаму како што изгледа табелата во моментов и од она што може да се очекува Брест Мешков е најблизу до тоа да биде противник на Вардар во полуфиналето од годинешниот Ф4 турнир на СЕХА.