Вардар го комплетира триото на линијата – потпиша словенечки интернационалец!

За следната сезона на пикерската позиција во Вардар ќе игра словенечкиот интернационалец Домен Сикошек Пелко. Договорот со него е потпишан на една сезона, со можност истата соработка да продолжи уште две сезони. За 202 см високиот интернационалец ова ќе биде второ искуство со играње надвор од Словенија. Лани настапуваше во австрискиот клуб Брук. Сикошек Пелко ќе им биде соиграч на Стојанче Стоилов и на Сергеј Горпишин. Во кариерата има настапувано во тимот на Брежице каде ја почнува кариерата за младинските категории.

Во сезоната 2013/2014 првпат е регистриран за сениорскиот тим на Кршко, но настапува за кадетите и за младинците. Две сезони подоцна повторно се враќа во тимот на Брежице и една полусезона настапува за Добова. Од 2016/2017 е дел од тимот на Требње. Таму не доби соодветна минутажа па реши да замине во странство. Тој е ракометар што е пред вратата на сениорската репрезентација на Словенија. Во 2014 година беше дел од 30-мина што беа на поширокиот список за ЛОИ. Австрија како најблиска дестинација му овозможи на Сикошек Пелко да игра и да биде меѓу најдобрите стрелци во тимот на Брук. По една сезона помината во Австрија се сели во Македонија.

„Младоста е предност за Сикошек Пелко и веруваме дека има предиспозиции да се вклопи во играта и системот на Вардар. Иако не е многу искусен, во него препознавме квалитет за кој очекуваме да добие и потврда со настапот во нашиот клуб. Досега се покажало дека многу ракометари што дошле во Вардар потоа брзо напредувале и го потврдиле квалитеот. Со нетрпение го очекуваме почетокот на подготовките и стартот на новата сезона, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Вардар досега ги потврди трансферите на тренерот Писонеро, крилото Димитриоски, пивотменот Горпишин, голманот Кугис, како и бековите Атман и Толедо.