Вардар ги победи и ФТЦ и сестрите Бонавентура

Ракометарките на Вардар останаа единствени и после 5. коло во Лигата на шампионите кои имаат максимален број на бодови. Денеска го совладаа тимот на ФТЦ и на гостувањето во Унгарија со 29:28, а на овој меч беа посилни и против Унгарките, но и против судиите од Франција, сестрите Бонавентура. Ова се два големи бода кои ќе овозможат Вардар да тргне со максимум бодови во следната рунда.

Натпреварот тргна со добра игра во нападот на Вардар. Андреа Пенезиќ ги реализираше првите два напади за водство од 0:2, а меѓу нив Хмирова имаше добра игра во одбраната. Сепак, оваа предност ја снема за четири минути и во 6. минута од средбата тимот на ФТЦ дојде до првото водство од 3:2.

Првите десет минути како да беа резервирани за пресврти бидејќи Вардар одново имаше средија од 2:0 и нова предност, а потоа се влезе во еден период во кој се играше гол за гол. Вардар поведуваше, но домашните успеваа да израмнат веќе во следниот напад. Така беше до 6:7 во 13. минута така што при 6:7 тргна создавањето на поголема предност.

Шампионките на Македонија првпат дојдоа до плус три во 16. минута кога поведоа со 6:9, а ова водство постојано го одржуваа. Дури и кога на теренот имаше ракометарка помалку, а тоа се случи во период од четири минути кога прво Лазовиќ, потоа и Чанаџија се најдоа на клупата поради казна. Домашните успеваа само да намалат до два гола негатива, но не и повеќе, а тука важна улога имаше одбраната на чело со Лејно која бранеше одлично.

До крајот на првиот дел беше сочувано водството, па дури и зголемено на четири гола за на одмор Вардар да замине со 12:16 што беше сосема реална слика на она што беше одиграно и во напад и во одбрана. Иако без Лекиќ, вардарки знаеја како да одиграат и добро да го сочуваат својот гол, но и да го загрозат противничкиот.

Второто полувреме тргна одлично за Вардар. Предноста од четири гола беше зголемена на седум во 34. минута за 13:20. Тоа беше период на отворање на второто полувреме по што тренерот на ФТЦ мораше да бара тајм-аут. Тука дојде криза во играта на Вардар, а многу тешко се доаѓаше до гол.

Додека Вардар се мачеше, ФТЦ лесно реализираше. Ја неутрализираше негативата така што од минута во минута вардарки го губеа водството. За 13 минути игра Вардар постигна само еден, а ФТЦ осум гола и во 47. минута работите тргнаа од почеток. При резултат 21:21 мораше Вардар одново да се обиде да дојде до водство. Дојде со двата гола на Лакрабер, но таа имаше и еден промашен пенал во меѓувреме така што Унгарките одново израмнија на 23:23, па и во последните девет минути се влезе со нерешен резултат.

Кога најмногу требаше вардарки знаеја како да одиграат и да влезат во финишот со ладни глави иако во второто полувреме се мачеа и против одбраната на домашните, но и против сестрите Бонавентура од Франција. Тие имаа премногу сомнителни одлуки особено во моментите кога ФТЦ се враќаше во игра, па затоа на крајот победата од 28:29 беше и над ФТЦ, но и над сестрите Бонавентура. Храбрата игра заслужува да биде потенцирана бидејќи девојките знаеја што сакаат и заслужено останаа единствени со максимални десет бода после пет кола.

ФТЦ РАИЛ КАРГО – ВАРДАР     28:29 (12:16)

Сала: Дабас Арена во Дабас. Судии: Шарлот и Жули Бонавентура од Франција. Делегат: Мирослав Баум од Полска.

ФТЦ РАИЛ КАРГО: Биро (9 одб., 1 сед), Шикора, Шацл 1/2, Шузански 2/2, Шекереш, Мешарош, Ван дер Хејден 4/7, Мартон 3/5, Лукач 1/1, Снелдер 1/3, Пена 8/12, Хафра, Фалувеги 4/4, Јовановиќ 0/2, Ковачиќ 4/9, Хорњак.

Седмерци: 4/6, Исклучувања: 6 мин.

ВАРДАР: Лејно (10 одб., 1 сед), Суслина (2 одб., 1 сед.), Мицевска, Радичевиќ 4/5, Кликовац, Саздовска, Кузнецова 1/1, Лазовиќ 1/2, Пенезиќ 9/14, Керемичиева, Чанаџија 0/1, Лакрабер 5/7, Хмирова 3/5, Цвијиќ 5/6, Петровиќ, Ристовска 1/1.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 12 мин.