„Вардарци“ украдоа бод од Германија

Селекцијата на Русија приреди мало изненадување во 3. коло откако против Германија се избори за нерешени 22:22 и на тој начин дојде до уште еден важен бод во битката за втората фаза каде што сигурно ќе има и пренесени бодови според играта која се прикажува во овој дел од шампионатот.

Двете селекции се надигруваа во текот на сите 60 минути, а нијаснси решаваа околу победникот. Најголемите проблеми за Германија ги задаваа крилата на Вардар, Тимур Дибиров и Данил Шишкарев. Одлична поддршка имаа и од Киселев и Калараш, па затоа ова е бод со голем удел на Вардар бидејќи тука се и Едуард Кокшаров и Дејан Периќ.

Средбата имаше две различни полувремиња, а и двете завршија со идентичен резултат од 12:10. Притоа Германија го доби првиот, а Русија вториот дел од натпреварот. Играњето со тесен резултат донесе интересен финиш, а до бод селекцијата на Русија стигна на седум секунди до крајот. Косоротов беше играчот кој го совлада Волф, па на крајот дојде голем бод.

Претходно во играта на Русија доминираше Дибиров, кој со осум гола од десет шута беше далеку најефикасниот на теренот, додека Шишкарев остана зад него со четири. Киселев имаше два, а Калараш еден гол. Кај Германците со осум погодоци и на оваа средба најефикасен беше Уве Генсхајмер.

Русите веќе утре играат со Бразил од 15:30 часот и тоа ќе биде меч кој само и го потврди патот на „зборнаја“ во втората рунда. Германците, пак, од 20:30 часот ќе имаат далеку посериозен предизвик и ќе треба да ги одмерат силите со Франција.