Вардарци се хит во Европа, секој потег се следи со внимание (ВИДЕО)

И последните две кола во Лигата на шампионите минаа во знакот на Вардар, во знакот на ракометарите, но и на навивачите на „црвено-црните“ кои со своите потез докажаа што значи да се игра „фер-плеј“, но и што значи да се направи пречек на некој кој оставил голем белег во клубот во минатите години.

ЕХФ уште еднаш им оддаде признание на вардарци за она што го направија.

Во центарот на вниманието е потегот од Унгарија после натпреварот кога соблекувалната во која беа „црвено-црните“ беше оставена во иста состојба како што беше затекната и пред почетокот на натпреварот. Тоа наиде на големо одобрување од сите страни и голем број на пофалби.

Ваквиот потег е пример како треба да се однесуваат екипи кога се некаде гости и како му доликува на тим кој е поранешен шампион.

Тука е и моментот кога Стојанче Стоилов и Даинис Кристопанс запираа возачи низ Аеродром и на оние кои ги почитуваа сообраќајните правила и возеа одговорно им доделуваа влезници за натпреварот против Рајн Некар на кој Вардар славеше с 29:27 во 4. коло од Лигата на шампионите.

Ова беше одличен момент за популаризација на клубот, но и за предупредување на возачите да се однесуваат безбедно на патиштата.

Секако тука се и навивачите кои беа споменати во посебен текст и прогласени за фанови на неделата. Пречекот на Илија Абутовиќ ќе остане долго запаметен, а доколку не го видовте тој момент тогаш имате можност уште еднаш да се потсетите како изгледаше кога Абутовиќ уште еднаш излезе на теренот во СЦ „Јане Сандански“.

Ова е одлична најава за понатаму што значи ќе има уште вакви моменти во текот на сезоната кои ќе треба да бидат одбележани.