Вардарци се разбудија и го нокаутираа Фуксе Берлин

После вчерашната бледа партија против Хамбург и поразот од 25:31, ракометарите на Вардар покажаа дека можат и понатаму да играат на високо ниво и дека и со новиот тренер ќе бидат доволно силни за да се надигруваат со секого. Вчерашниот момент на слабост денеска беше поправен со убедлив триумф против Фуксе Берлин од 32:24.

За разлика од вчерашниот дуел вардарци влегоа далеку помотивирано и поорганизирано. Парондо овој пат одлучи да не комбинира премногу, а тоа му даде простор за да одигра поголем дел од 8-9 ракометари.

Фуксе Берлин водеше во првите неколку минути. Имаше предност и од два гола, а Вардар постојано успеваше да се одржува на негатива која даваше шанси за добро продолжение на средбата. После 1:1 второто израмнување дојде во 17. минута кога резултатот беше израмнет на 8:8 по што следуваше неколку минути игра гол за гол.

Првото водство за вардарци дојде во 23. минута кога успеаја да стигнат до 12:11 и од тој момент до крајот на првото полувреме „црвено-црните“ имаа постојана контрола на резултатот.

После 15:13 на полувремето во вториот дел се виде уште подобра игра од Вардар особено во одбраната. За 20 минути беа примени само пет гола, а во овој период беа постигнати десет и тука практично беше и одлучен победникот. Тренерот на Фуксе Берлин на моменти ризикуваше играјќи без голман, а одбраната на Вардар успеа да го реши овој дел без проблеми и да стигне до зголемување на предноста.

На десет минути до крај предноста беше 25:18, а во тие моменти голманот Милосављев имаше осум интервенции, додека до 50. минута Дибиров беше прв стрелец со седум гола.

До крајот на натпреварот предноста беше и поголема. Со оглед на тоа што победникот беше решен шанса добија и помладите ракометари, па сите што беа во составот се најдоа на теренот и учествуваа во победата.

ВАРДАР: Милосављев (9 одб.), Чупиќ 2, Скубе 3, Кристопанс 6, Дибиров 7, Мораеш 2, Горбок 3, Шишкарев 2, Кисељев 1, Стоилов 1, Борозан 3, Поповски 1, Мишевски 1.