Вардарки супериорни против Овче Поле

Ракометарките на Вардар по поразот од Куманово се вратија на победничките патеки во Женската лига, откако триумфираа на домашен терен против Овче Поле СУ со убедливи 40-15, во натпревар од 11 коло.

Победникот беше решен уште во првиот дел, кога домаќинките направија убедлива предност, 21-7, а во продолжение натпреварот наликуваше на оние милион пати видени дуели од оваа конкуренција, каде победникот е познат однапред.

Најдобар стрелец во победничката екипа беше Андреа Седлоска со шест погодоци, додека по пет постигнаа Ивона Трпевска и Стефанија Ѓорѓиевска. Кај гостинките од Свети Николе се истакна Наталија Манева со осум погодоци.