Вардарки со +40 до финале во Купот на Македонија

Ракометарките на Вардар славеа убедливо над составот на Гевгелија со 16:56 и ќе играат во финалето на Купот на Македонија, кој на програмата е утре (сабота) со почеток од 12:30. Избраничките на Ирина Дибирова без многу напор ја остварија очекуваната победа и ќе играат против домаќинот на овој турнир, составот на Металург за титулата.

Вардарки отворија со 1:6, а до крајот на полувремето предноста се зголеми до 16 разлика, 9:25. Во вториот дел гевгеличанки не можеа да парираат на физички поподготвените вардарки, па крилата Херем и Ристовска се натпреваруваа меѓусебе, која ќе постигне повеќе голови. Предноста се искачи до високи 56-16 со кои заврши овој натпревар.

Најдобра на теренот беше Сара Ристовска со 17 голови, а ја следеше Камила Херем која исто така уфрли 17. Кај Гевгелија се истакна Драгица Митрова со 4 голови.