Вардарки рутинирано до петта куп титула

Македонскиот првак Вардар ја одбрани титулата во Купот на Македонија откако денес во финалето беше поуспешен од ЖРК Металург со 45-19. „Црвено-црните“ доминираа на паркетот во Автокоманда во текот на целиот меч и заслужено ја заокружија петтата куп титула.

Вардар имаше одличен старт и веќе по првата половина од полувремето имаше двоцифрена предност. Финалистот во Лигата на шампионките ја одржуваше високата предност, а единствената светла точка во составот на Металург, голманот Матеја Серафимова не дозволи Вардар прерано да ја уништи играта на својот тим. Разликата од десет погодоци се задржа до крајот на првиот дел, а Вардарки на пауза заминаа со предност од 21-10.

Се менуваше составот на Вардар, тренерот Дибирова пробуваше различни варијанти во нападот, а разликата продолжи да се зголемува. Стручниот штаб се обидуваше да најде соодветна замена за левата крилна позиција, каде се менуваа Радичевиќ, Човиќ и Хмирова. Тоа не влијаеше на распределбата на силите на терен па во 42 минути „црвено-црните“ имаа предност од 31-14. Во второто полувреме македонскиот шампион го поддигна процентот на прецизни удари, а тоа се одрази на резултатот.

Првите 20 голови разлика на семафорот во Автокоманда се појавија во 50та минута (35-15), а највисоките +26 (43-16)  ги постави Ристовска во 57та минута. До крајот на натпреварот Метлаург со низа од два погодока за момент намали дел од високата разлика, возврати  Лакрабер со два погодока, а последниот почесен гол им припадна на ракометарките на Метлаург за конечни 45-19.