Вардарки лесно се справија Подравка, ќе се борат за титулата

Ракометарките на Вардар за првпат во својата историја ќе играат за титулата во ВРХЛ Лигата, откако во полуфиналето на завршниот турнир кој се игра денеска и утре во Скопје, славеа над хрватскиот шампион Подравка со убедливи 29:16.

Тренерот Дибирова им даде шанса на сите ракометарки, кои уште во првиот дел го решија прашањето на победникот, па се понатаму беше само рутина. Вардарки отворија со водство од 10:2, кое хрватските ракометарки успеаја некако да го намалат до паузата, 14:9.

Во вториот дел Суслина ја замена Песоа на голот на Вардар, и продолжи во ист стил како бразилската голманка. Гостинските ракометарки тешко доаѓаа до позиција, а кога ја наоѓаа, Суслиа се испречуваше пред нив.

Грешки на Подравка беа казнувани од „црвено-црните“ дами со голови од контри или полуконтри, па стигнаа и до двоцифрено водство во 45 минута, 24:14. До крајот немаше дилеми околу победникот, само се чекаше рутинската завршница до конечните 29:16.

Најдобар стрелец во вардаровиот тим беше Александра Лакрабер со 7 голови, Радичевиќ даде 6, а Херем имаше 4, додека кај Подравка се истканаа Видак и Хрстник по 3 голови. За титулата вардарки ќе се борат против подобриот од дуелот меѓу Будуќност и Крим, кој се игра вечерва со почеток од 18 часот.