Вардарки го имаат најдобриот напад и втората најдобра одбрана во Лигата на шампионките

Ракометарките на Вардар доминираат во статистиките на ЕХФ и тоа во својата последна сезона во ваков состав во Лигата на шампионките.

300x250

“Црвено-црните” девојќи ја имаат најдобрата офанзивна линија по 14 одиграни натпревари, од четирите екипи учеснички на Ф4 турнирот во Будимпешта- Ѓер, ЦСМ Букурешт и Ростов.
Вардарки имаат постигнато 418 голови, Букурешт 404, Ѓер 389 и Ростов 384 погодици.

Во однос на дефанзивата, Ростов е екипата која најмалку примени погодоци-330, веднаш зад нив со втора најдобра одбрана се наоѓаат Вардар и ЦСМ Букурешт со по 339 примени голови, а најмногу примени погодоци од оваа четворка има актуелниот бранител на титулата Ѓер со 343 голови.

Ова се одлични показатели пред Ф4 турнирот во Будимпешта, кој ќе биде последна можност овие девојки своето петгодишно функционирање како екипа да го крунисаат со европската титула, и на најдобар начин да стават крај на една ракометна ера за која долго ќе се зборува.