Вардарки гостуваат на ФТЦ: Првото место се бара во Унгарија

Ракометарките на Вардар денеска со почеток во 13:30 часот го играат натпреварот од 5 коло во група Ц на Лигата на шампионите, како гостин против ФТЦ во Будимпешта. Тоа е дуел што ќе реши која екипа ќе биде прва на табелата и колку бодови ќе пренесе во следната фаза. Стручниот штаб имаше можност да го скенира противникот и знае од каде доаѓа најголемата опасност, триото Ковачич, Пена и Сучански, а тука е и искусната Јовановиќ.

Во моментов Вардар е лидер во Ц групата со 8 бодови од четири натпревари. Вардарки го имаат вториот најдобар напад во ЛШ со 124 постигнати голови, еден помалку од ФТЦ, а имаат и најдобра гол разлика во групата (+ 26 голови), и најдобрата одбрана (примени само 98 голови). „Црвено-црните“ се единствена екипа сезонава со максимален учинок во ЛШ.

ФТЦ и Вардар досега имаат одиграно три меѓусебни натпревари во Лигата на шампионите. На последниот одигран на почетокот на октомври во Скопје победија „црвено-црните” со 34:31. Во 2016 година овие ривали се сретнаа двапати, по ремито во Скопје на гостински терен триумфираше Вардар со 37:24. На дуел во Унгарија поради повреда не отпатуваа Андреа Лекиќ, која беше меѓу најдобрите на првиот дуел во Скопје, а ниту Мирјета Бајрамовска.