Вардарки ги нема на списокот на 26 екипи кои се пријавија за место во Лигата на шампионите

Европската ракометна федерација ги објави имињата на вкупно 26 екипи кои побараа место во Лигата на шампионите во женска конкуренција. После пет сезони во кои Вардар редовно успеваше да се пласира на завршниот турнир годинава првпат ги нема „црвено-црните“, за кои уште не е познато дали ќе играат и во некој од другите купови.

Меѓу тимовите кои се пријавени има 18 кои се шампиони на своите земји, додека две се пријавиле за учество како второпласирани согласно рејтингот на земјите на ранг-листата на ЕХФ и тоа се тимовите од Унгарија и од Данска. Покрај тоа има уште шест екипи кои побараа место во Лигата на шампионите и за нив ќе се знае дополнително дали ќе имаат можност да разигруваат за место во групната фаза.

Од шампионите пријава имаат доставено составите на: Хипо (Австрија), Подравка (Хрватска), Баник Мост (Чешка), Копенхаген (Данска), Бера Бера (Шпанија), Турингер (германија), Мец (Франција), Ѓер (Унгарија), Салерно (Италија), Будуќност (Црна Гора), Кристијансанд (Норвешка), Лублин (Полска), ЦСМ Букурешт (Романија), Ростов Дон (Русија), Крим Меркатор (Словенија), Јагодина (Србија), Савехоф (Шведска) и Муратпаша (Турција).

Двете екипи кои добија место како второпласирани во првенствата се: Одензе (Данска) и ФТЦ Раил Карго (Унгарија).

Другите шест екипи кои побараа да добијат  можност за да играат во Лигата на шампионите се: Брест (Франција), Битигхајм (Германија), Ларвик (Норвешка), СЦМ Крајова (Романија), Лада (Русија), Кастамону Беледијеси (Турција).

За тоа кои тимови ќе добијат директно место, а кои ќе мораат во квалификациите ќе се знае за време на конгресот на ЕХФ во Глазгов на 18 јуни, додека ждрепката за групите ќе биде извршена на 29 јуни. Два дена претходно ќе бидат извлечени и групите за квалификациите.