Бутел со нов суперлигашки триумф, падна и Радовиш

Ракометарите на Бутел Скопје ја запишаа шестата победа во осум натпревари од Суперлигата. Последна „жртва“ на тимот предводен од Игор Котевски беше Радовиш, кој си замина со убедлив пораз од 33-25.

Гостинските ракометари одржуваа резултатска рамнотежа во првите петнаесетина минута, водеа во неколку наврати, но по 5-5, Бутел предводен од бомбардерот Младеновски направи серија од четири голови за 9-5. Сепак Радовиш до крајот на полувремето намали од негативата и на пауза се замина со 13-11.

На стартот на вториот дел Бутел даде два гола за една минута за 15-11 и веќе беше јасно во кој правец ќе се одвиваат работите. Кратката клупа на радовишани и заморот на првата постава, беше голем проблем, па искусниот Мојсоски од контранапади ја полнеше мрежата на Паунов и Бутел стигна до највисоки +8, 27-19 на десетина минути до крајот.

Потоа рутински беше довршена задачата за конечни 33-25. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Јовица Младеновски со осум голови, а по шест постигнаа крилата Мајиќ и Мојсоски. Кај Радовиш се истакнаа Ивица Илиев со девет, како и Симиќ и Бујиќ со по четири.