Бутел Скопје фати ритам, победи и кај Вардар јуниор

Ракометарите на Бутел Скопје дојдоа до победа и три бода на гостувањето кај тимот на Вардар јуниор со 31:26. Ова беше трет триумф за тимот на Бутел Скопје, кој во поголемиот дел од мечот имаше контрола на резултатот и беше во предност.

Во првиот дел од натпреварот имаше пресврт. Домашните беа тие кои подобро го отворија натпреварот. Тргнаа со предност од 3-4 гола и ова водство го имаа некаде до средината од првиот дел кога составот на Бутел Скопје успеа да се врати и да израмни на 7:7.

Младите вардарци и во следните неколку минути имаа подобра игра и го контролираа резултатот. Сепак, откако во 20. минута дојде до 10:10 следуваа десет минути во кои составот на Бутел Скопје постигна шест гола, а не прими нути еден така што на одмор замина со 16:10.

Во второто полувреме гостите имаа контрола на предноста. Постојано беа во водство поголемо од шест гола. Домашните имаа проблеми во одбраната и на моменти противникот доаѓаше до лесни погодоци. Тоа резултираше со разлика од осум гола, 11:19 и 12:20.

Тука како вардарци да се разбудија и заиграа подобро и во одбрана и во напад, па лесно се изборија за намалување на високата негатива. Дојдоа до 22:25, но тоа беше сè. До крајот на натпреварот гостите одново зголемија на шест гола и не им дозволија на своите ривали да направат нешто повеќе на овој дуел.

На тој начин Вардар јуниор остана без бодови од овој меч, а Бутел Скопје е првиот тим со три победи сезонава и пред одигрувањето на дуелот Пролет – Металург е лидер на табелата.

ВАРДАР ЈУНИОР – БУТЕЛ СКОПЈЕ          26:31 (10:16)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

ВАРДАР ЈУНИОР: Гогов, Кизиќ , Анѓелковски, Јанковки, Чакалиќ, Кукуловски 3, Гашовски, Јакимовски, Карапалевски 8, Андоноски, В. Крстевски 1, С. Крстевски 6, Атанасовски 4, Ќосевски 4, Дука.

Седмерци: 4/7, Исклучувања: 12 мин.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Даскалоски, Блажески, Димов 4, Трајковски, Младеновски 6, Стојановски, Ѓеорѓиевски 4, Божиновски, Шокоски, Димовски 2, Мојсоски 1, Милошевски 7, Миланов 1, Печенковски, Василевски 2, Мајиќ 4.

Седмерци: 5/7, Исклучувања: 8 мин.