Бутел Скопје си замина со три бода од Битола, но „новиот“ Пелистер покажа квалитет

Со натпреварот меѓу Пелистер и Бутел Скопје беше финиширано 1. коло од Супер машката лига во кое гостите дојдоа до три бода со 26:24, но многу потешко од сите очекувања.

Иако се знаеше дека тимот на Пелистер се консолидираше пред некој ден, сепак, и во ваква ситуација битолчани беа одличен противник, па дури имаа шанса и за бодови на овој натпревар.

Во првиот период од средбата и двете екипи имаа свои моменти. Никој не можеше да направи предност односно да дојде до подобар резултат. До 21. минута резултатот беше нерешен. Тогаш беше 8:8 по што следуваше промена на ритамот од страна на гостинскиот состав и набрзина предност од два гола, која беше зачувана до крајот на првото полувреме.

На одмор се замина со резултат 12:14, а потоа во првите 5-6 минути од второто полувреме работите се изменија целосно. Битолчани влегоа фуриозно и со серија од 4:0 комплетно го свртеа мечот во своја корист.

Иако имаа два гола предност, сепак, не успеаја да го издржат силното темпо кое самите го наметнаа, па после 18:16 гостите имаа три гола во серија и одново се вратија во предност. Пелистер последен пат израмни на 19:19, а потоа гостите до крајот беа во водство од еден до три гола.

На резултат 24:25 Пелистер се обиде да дојде до контра и шанса за реми, но гостите од Скопје вратија и оневозможија чист удар така што се одбранија, па со уште еден гол ја заверија победата во 1. коло од сезоната.

Првиот впечаток е дека битолчани ќе имаат што да покажат во новата сезона и ќе бидат тежок ривал особено на домашен терен додека Бутел Скопје допрва ќе треба да го покаже нивото на кое играше во минатата сезона.

ПЕЛИСТЕР – БУТЕЛ СКОПЈЕ        24:26 (12:14)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 400. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески од Прилеп. Делегат: Петре Климкаров од Велес.

ПЕЛИСТЕР: Ивановски, Ристевски, Вардовски, Блажевски, Петровски 7, В. Димитровски 3, Митревски 1, Мандиќ 2, Петковски, Јовановски, И. Димитровски 2, Илиев, Талевски 2, Дрогришки 2, Буторац 3, Димитров 2.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 12 мин.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Даскалоски, Блажески, Димов 1, Младеновски 1, Стојановски 1, Ѓеоргиевски 5, Божиновски, Шокоски, Димовски, Спасовски, Мојсоски 2, Милошевски 2, Миланов, Печенковски 3, Василевски 2, Мајиќ 9.

Седмерци: 5/7, Исклучувања: 6 мин.