Бутел Скопје загуби од шампионот на Финска во Битола

Шампионот на Финска тргна со победа на Меморијалниот турнир „Боро Чурлевски“ во Битола откако успеа да го совлада на стартот новиот суперлигаш во првенството на Македонија, Бутел Скопје.

Римаен Кокс славеше победа од 28:22 и на тој начин дојде до бодови на стартот од натпреварувањето. Финците поведоа со 5:0 уште после шест минути игра, а Бутел Скопје првиот гол го постигна во 7. минута од средбата.

Ова беше доцно влегување во мечот бидејќи противникот веќе создаде предност која беше тешко да се стигне. Противникот знаеше да го контролира водството, па Бутел Скопје до крајот на првиот дел беше во постојана негатива, за на одмор да се замине со 9:15.

Почетокот на вториот дел донесе нешто подобро издание од ракометарите на Бутел. Постојано беа во предност ако се земе предвид играта во вторите 30 минути. Сепак, Финците не доволија Бутел да се доближи повеќе од три гола. Ги држеше ракометарите на тимот од Македонија на дистанца, па немаше шанси да се направи нешто повеќе на овој дуел.

Иако Бутел Скопје дојде до 22:25, во последните 5-6 минути немаше погодоци за уште поголемо доближување, па му беше оставен простор на противникот за победа од шест гола, 22:28.