Бутел Скопје го совлада Металург јуниор и веќе ја има суперлигашката виза

Лидерот во Првата машка лига, Бутел Скопје продолжи со серијата победи во првенството, а втората победа против Металург јуниор сезонава се чини веќе стави точка на прашањето кој ќе влезе директно во Супер лигата. Со 15 победи на 15 средби веќе е сосема јасно дека никој не може да го симне Бутел од врвот иако постои теоретска шанса за другите екипи така што тимот од Скопје може полека да се подготвува за следната сезона.

Денеска, Бутел Скопје го надигра Металург на свој терен во Радишани со 20:14 и на тој начин само го потврди првото место во Првата лига и дефинитивно оди сигурно кон Супер лигата. Средбата беше интересна, но очигледно е дека Бутел има поквалитетен состав во моментов.

На првиот гол на средбата се чекаше три минути. Гостите поведоа преку Новаковиќ, но Бутел брзо израмни. Печенковски реализираше од седум метри во следната минута, додека три минути подоцна Николовски се погрижи домашните да стигнат во водство.

Првата предност од два гола дојде во 12. минута, кога Николовски со својот втор погодок зголеми на 4:2. Во овој период централни фигури на теренот беа голманите Блажевски (Бутел) и Алушовски (Металург јуниор). И двајцата имаа по неколку одбрани и тие беа виновни што имаше само шест погодоци во овој период од средбата.

Средбата продолжи со игра гол за гол. Бутел имаше шанси да зголеми и на повеќе од два погодока, но Печенковски не реализираше два пенали, а потоа и Николовски беше запрен од Алушовски. Ваквата игра го оставаше Металург јуниор во игра за добар резултат, но не можеше да стигне до ново израмнување.

Последниот гол Металург го постигна во 24. минута преку Петковски, а тоа беше за 6:5. Во последните шест минути од првото полувреме Ѓеоргиевски погоди двапати и на тој начин донесе 8:5, резултат со кој се замина на одмор.

Домашните се обидоа брзо да ја завршат работата во второто полувреме. Печенковски ја отвори серијата, а после 11 минути игра во второто полувреме резултатот беше 14:7 и тука комплетно беше скршен отпорот на гостите и тука веќе стануваше јасно дека нема да има проблеми за Бутел да дојде до трите бода од овој меч.

Во следните десет минути имаше нешто подобра игра од гостите кои се обидоа да фатат приклучок. Намалија на 15:10, но тоа како да беше сè што успеаја на овој дуел бидејќи во продолжението од мечот Бутел се врати на највисоките седум гола и на осум минути до крајот од дуелот имаше 17:10.

До крајот на средбата домашните стигнаа и до предност од осум гола во неколку моменти, па на гостите не им преостана ништо освен да се обидат да го ублажат поразот и да дојдат до помала негатива. Конечните 20:14 само беа потврда за тоа зошто Бутел Скопје е на лидерското место во Првата лига. За Металург јуниор останува да се бори за 2. позиција која води во бараж со тимот кој ќе заврши на последното место годинава во плеј-аут лигата.

БУТЕЛ СКОПЈЕ – МЕТАЛУРГ ЈУНИОР     20:14 (8:5)

Сала: Радишани во Скопје. Гледачи: 200. Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје. Делегат: Мамер Реџеп од Скопје.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажевски, О. Трајковски, Печенковски 5, Стојановски, Ѓеоргиевски 4, Андовски 2, Стоилевски, С. Николовски 1, М. Трајковски, Б. Николовски 3, Лазароски 3, Василевски, Димовски 1, Колоски, А. Димовски 1, Маркудов.

Седмерци: 1/4, Исклучувања: 10 мин.

МЕТАЛУРГ ЈУНИОР: Алушовски, Куртановиќ, Мазниковски, Ѓуровски 1, Новаковиќ 2, Гичев 2, Савов, Петров, Димовски 3, Петковски 2, С. Крстевски, И. Крстевски 3, Симоновски 1, Бошковски, Милошовски, Трајчевски.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 8 мин.