Бундес лига: Минден и Штутгарт со победи го отворија колото

Со средбите одиграни помеѓу Битигхајм против Минден и Штутгарт против Хановер стартуваше 10. коло во Бундес лигата. Екипата на Минден и покрај тоа што загуби пред два дена во Купот на Германија покажа дека добро им оди во шампионатот.

Тие ја забележаа четвртата победа во серија во Бундес лигата против неубедливиот Битигхајм и се доближија до петте најдобро пласирани екипи. Во победата од 28:30, најдобар играч  беше Далибор Додер кој придонесе со десет погодоци. На другата страна Патрик Рентшлер погоди шест пати.

На вториот меч, Штутгарт во натпревар со многу погодоци успеа изненадувачки да победи против Хановер со 37:34. Домаќинот веќе по првите триесет минути си обезбеди предност од 19:13. До крајот, Штутгарт успеа да ја зачува оваа предност и покрај тоа што Хановер во 58. минута се доближи на минус 2.

Најдобар во екипата на Штудгард беше Михаел Краус кој погоди 16 пати, а на другата страна Евгени Певнов и Фабијан Бон дадоа по шест голови.

РЕЗУЛТАТИ:

Битигхајм – Минден 28:30 (13:14).

Штутгарт – Хановер 37:34 (19:13).

Табела по некомплетно 10. коло: 1. Фленсбург 18 поени (+44, – 1 меч), 2. Магдебург 18 (+67), 3. Кил 16 (+56), 4. Бергишер 14 (+24, – 1 меч), 5. Фухсе Берлин 14 (+21, – 1 меч)…