Будуќност ќе биде ривалот на Вардар во трката по титулата во ВРХЛ

Ракометарките на Будуќност ќе бидат ривалки на македонскиот првак Вардар во финалето на регионалната ВРХЛ лига. Избраничките на Драган Аџиќ во полуфиналето го победија словенечкиот првак Крим Меркатор со 31-23 (17-12)

Дуелот на поранешните европски прваци мина во знакот на Будуќност, кој беше фаворит и пред средбата. Иако Црногорките од самиот почеток не запнуваа се виде разликата во квалитет. Тоа се одрази на резултатот кој уште по првото полувреме беше во корист на Будуќност. Тие имаа сигурно водство од почетокот, кое на полувреме беше изразено со 5 голови, 17-12.

И во вториот дел продолжи доминацијата на Будуќност, па лесно стигнаа до предност од седум голови. Иако Крим се закани за момент и намали на четири гола негатива, 21-17 тоа беше сѐ што тие можеа да сторат. На крајот Будуќност победи со 31-23. Најдобра во победничкиот тим беше Кристина Неагу со 7 голови, додека кај Крим се истакнаа Бариќ и Георгиев со по 5.