Бронзените од ЕП со нов „диригент“

Женската репрезентацијата на Холандија, откако се раздели со селекторката, Хеле Томсен, експресно пронајде замена и тоа во името на Емануел Мајонад. Сегашниот тренер на Мец, ќе ги води портокаловите до крајот на Олимписките игри во 2020 година, а мандатот му стартува со пријателскиот дуел против Германија на 22 март.

По официјалното назначување на позицијата селектор на Холандија, Мајонад изјави дека е среќен поради новиот предизвик и дека има јасен план со кој би им донел успех на Холанѓанките.

„Среќен сум што ќе почнам да работам како селектор. Холандија има многу квалитетни ракометарки. Имам јасен план и едвај чекам да стартуваме“, изјави новиот селектор на Холандија.

Новото име во амбициозната репрезентација е успешен тренер со стаж од 13 години. Најдобрите моменти ги доживеа со Мец каде во период од три сезони, трипати ја освои лигата и еднаш Купот на Франција. Договорот со првакот на Франција му истекува ова лето, па оттаму не се знае дали од следната сезона ќе продолжи да го води клубот или ќе биде само селектор.