Брестовац се одлучи: Познати 16 јуниори кои ќе играат на ЕХФ-шампионатот

Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 20 години, Данило Брестовац денеска мораше да одбере 16 ракометари со кои ќе стартува на ЕХФ-шампионатот, а одлуката падна за тројца ракомеари од кадетскиот состав и за 13 играчи родени во 1998 и 1999 година.

На првиот меч против селекцијата на Велика Британија кој почнува од 20 часот и се игра во СЦ „Борис Трајковски“ на голот ќе бидат Марко Кизиќ и Матеј Петковски. На лево крило се Димитар Димитриоски и Иван Димитровски, додека на десно Мице Шилегов и Ненад Костески.

Во составот ќе има тројца пивоти. Тоа се Филип Арсеновски, Филип Андонов и Стефан Атанасовски, додека сосема нормално најголемата конкуренција е во бековската линија. Таму свое место за овој ЕХФ-шампионат обезбедија: Томислав Јагуриновски, Марио Танкоски, Дејан Кукуловски, Марко Мишевски, Дарио Петровски, Мартин Серафимов и Томче Стојановски.

Оваа средба ќе ја судат Холанѓаните Вилијам Вејманс и Рик Волбертус, додека делегати се Небојша Вујисиќ од Црна Гора и Валдас Гечевичиус од Литванија.