Брестовац: Не успеавме да им парираме на Јапонците ниту технички, ниту тркачки

Машката кадетска репрезентација на Македонија загуби и од Јапонија со 22-31 во петтото коло од Мундијалот што се игра во Скопје. Сепак и покрај тоа, момците на Данило Брестовац обезбедија место во осминафиналето, но селекторот не е задоволен од изданието.

„Не успеавме да им парираме на Јапонците ниту технички, ниту тркачки. Ракометот кој се игра надвор од Европа ни е проблематичен. И со Јапонија и со Нигерија и со Бахреин не може да парираме со брзина. Не знам каде да ја барам вината. Ние во Македонија немаме ракомет на брзина, на техника. Почнуваме од основните работи, не можеме тркачки и технички да парираме. Ни направија 0-6 на стартот, а ние дотогаш имавме пет технички грешки. Ако ние си вратиме филмот назад, генерациите најдобрите партии ги даваат кога се на крајот. Трипати беше противникот побрз од нас. Технички беа до совршенство. Ние сме научени на европски ракомет, малку поспор, кој се игра по шаблон. Не можевме да ги затвориме тоа ни беше проблем. Ние во Македонија играме шаблонизиран ракомет, децата ги учиме исто, да играат акции и комбинации, да се знае каде е блокада, каде е вишокот. Кај неевропските селекции гледам друг начин на ракомет. А немавме ниво да ѝ парираме на Јапонија. Сепак влеговме во мечот да победиме и не калкулиравме. Ние играчите ги мотивиравме дека треба да победиме, но преку видео-анализите гледав дека не може да ѝ парираме на Јапонија со ротација“, вели селекторот Брестовац.

Осминафиналниот натпревар меѓу Португалија и Македонија се игра в среда со почеток во 20:30 часот во СЦ “Борис Трајковски”.