Брестовац нема да го води Металург во Русија: „Благодарам“ чини еден натпревар суспензија

Ракометниот суд на ЕХФ денес донесе одлука за суспензија од еден натпревар на тренерот на Металург, Данило Брестовац, поради добиениот директен црвен картон на дуелот од Лигата на шампионите против Силкеборг.

Како што стои во соопштението од ЕХФ, тренерот на Металург, Данило Брестовац бил директно дисквалификуван за време на натпреварот против Бјерингбро-Силкеборг поради искажување на агресивно вербално и невербално однесување кон делегатот на ЕХФ, откако заработил две минути исклучување. Ракометниот суд го оценил ваквото однесување како неспортско, поради што тренерот е суспендиран еден натпревар и нема да ја води екипата на натпреварот со Чековски Медведи. 

Брестовац по добиениот црвен картон се обиде да даде свое објаснување за спорниот момент, сепак ракометниот суд оцени дека одговорот „Благодарам“ на тренерот е неспортски потег вреден суспензија од еден натпревар.

Македонскиот вицепрвак денес замина за Русија каде утре ќе го одигра петтиот натпревар во Лигата на шампионите оваа сезона.Натпреварот против Чеховски Медведи е закажан за утре(сабота) со почеток од 15:00 во Чехов.

Металург има право на жалба во рок од седум дена, но тоа нема да влијае на добиената казна. 

Казна од еден натпревар суспензија заработи и турскиот репрезентативец од редовите на Бешикташ, Рамазан Доне, поради директен црвен картон добиен на дуелот со Спортинг. Неговиот потег е оценет како непотребно груб и опасен па затоа ќе биде на трибините за натпреварот против Силкеборг.