Брестовац за 24 Ракомет: Фаворити сме, ќе биде неуспех ако не освоиме четири бода

Селекторот на Македонија, Данило Брестовац конечно ги има на располагање сите ракометари кои ги планира за бараж средбите против Турција и Грција, па веќе може да го одработи сето она што го планира за последните два дуели на кои се брка првото место во Групата 3 од квалификациите за ЕП.

„Никогаш не е доволно. Не бевме комплетни и работевме на одбраните ситуации кои треба да ги решиме во Турција. Јас сум задоволен. На овие репрезентативни подготовки не може да се очекува да се има многу време за работа. Секогаш тоа недостига. Сепак, мислам дека го средивме она што планирам да го играме против Турција“, изјави Брестовац за 24 Ракомет.

На прашањето дали ќе биде неуспех доколку на овие два меча не бидат забележани две победи тој имаше потврден одговор.

„За мене да. Јас никогаш не бегам од улогата на фаворит. Поквалитетни сме и од Турција и од Грција и искрено се надевам дека ќе победиме. Одиме со таква желба и на двата дуела и очекувам д а го направиме тоа и да освоиме четири поени“, изјави Брестовац.

Тој официјално ќе ги објави патниците за Турција после денешниот тренинг, а сосема извесно е дека нема да има големи промени во однос на тимот кој донесе три поени од дуелите против Исланд.