Бразилците го сакаат „вардарецот“ Дејвис за селектор

Бразилската ракометна конфедерација, деновиве е во фокусот на ракометната јавност откако вршителот на должноста претседател Маноел Оливеира ги соопшти плановите за машкиот и женскиот сениорски колектив. По Олимписките игри, Бразил започнува со нов проект кој кулминација ќе има на Олимписките игри во Токио. Релативно неуспешниот настап на Олимпијадата во Рио, само ги поттикна челниците да започнат ново поглавје со нови светски признати експерти на кормилото на двете најдобри национални селекции. Така женската ракометна репрезентација која е светски првак од 2013 година, веќе започнува да ги склопува своите коцки. Претседателот Оливеира веќе контактирал неколку признати експерти, а во потесниот круг од три најсериозни опции се тренерот на ЖРК Вардар, Давид Дејвис Камара, кој го познава и португалскиот јазик, двојниот олимписки првак, данскиот стратег Јан Питлик, кој во моментов работи во данскиот клуб Оденсе и шпанскиот селектор Хорхе Дуењас.

Селекторот Мортен го напушти кормилото на Бразил во декември минатата година, поради политичките превирања во конфедерацијата. Изборите за нов претседател на конфедерацијата минаа скандалозно, откако поразената страна го одведе легитимитетот на изборите на суд, а судот го поништи изборот.

„Политичката состојба влијае и на националниот тим. Затоа се надевам дека бргу ќе се разреши. Нашите ракометарки играат во најдобрите клубови во светот. Тие учестуваат ефективно во најдобрите лиги, а тоа секако ни помага многу за одржување на формата во репрезентацијата. Имаме неколку кандидати за позицијата селектор. На кормилото на женската репрезентација беше Мортен кој своето искуство го градеше на територијата на Бразил. Сега разговараме со Камара, Дуењас и Јан.“ -вели претседателот на Бразилската ракометна конфедерација, Маноел Луис Оливеира.

Иако бразилската куќа на ракометот загуби дел од спонзорските договори поради скандалите кои го пратат раководството, тие сè уште имаат стабилни фининсии од главниот покровител Банка на Бразил и други поддржувачи со чија помош обезбедува буџет од околу 800000 евра годишно.