Борко Ристовски: Ако не верував во титула, немаше ниту да дојдам во Бенфика

Екипата на Бенфика го претстави својот нов голман. Борко Ристовски дојде во клубот каде очекуваат многу од него, а и од изјавите на Ристовски може да се забележи дека е свесен за она што го очекува во клубот.

Ристовски после две години во Барселона сега е дел од Бенфика каде што ќе очекуваат многу од него.

„Секогаш мора да се имаат амбиции. Јас сум тука за да му помогнам на тимот да освои што е можно повеќе трофеи. Тоа е и една од причините поради кои дојдов во Бенфика. Дојдов тука за да дадам 100 проценти од мене и да бидам дел од овој клуб во битката за новите трофеи“, коментираше Ристовски после неговото претставување.

Тој верува дека со новиот тим може до далеку подобри резултати од досега што е најава и за одлична сезона со добри резултати.

„Ми се допадна проектот кој ми беше презентиран и знам дека овој тим има иднина. Верувам дека заедно ќе успееме да освоиме многу титули. Доколку не беше така, доколку не верував дека Бенфика би можела да победува и да освојува трофеи тогаш немаше ниту да дојдам во тимот. Мислам дека можеме да влеземе сериозно во трката по првенството, Купот на Португалија и Супер купот. Првите впечатоци ми даваат потврда за ова и можев да се уверам дека Бенфика е голем клуб, а Лисабон прекасен град“, изјави Ристовски за сајтот на Бенфика.

Со Ристовски, Бенфика добива на сигурност, а тој добива клуб каде ќе биде прв избор за голот.