Борко „министерски“, Кире „професорски“ – Чешка разбиена, а Македонија повторно на ЕП!

Македонија по петти пат, а четврти по ред, ќе игра на Европските првенства! Избраниците на Раул Гонзалес и пред мечот со Чешка, практично беа пласирани на континенталниот шампионат, но ништо не препуштија на случајноста и одиграа одличен натпревар. Пред скоро 7.000 гледачи во СЦ „Борис Трајковски“, „црвено-жолтите“ забележаа победа со 33:20.

Двете репрезентации почнаа со по две технички грешки во нападите и првиот гол беше постигнат во 4 минута преку Дејан Манасков од контранапад за водство на Македонија со 1:0. Капитенот Лазаров веднаш потоа зголеми и на 2:0, а Стоилов промаши зицер за плус 3. Десното крило Јурка го постигна првиот гол за гостите за 2:1.

Во продолжение беше 4:2, па 5:3, а Миркуловски на истекот на 12 минута од тешка позиција го совлада Галија за 6:4. Ракометарот кој го играше последниот натпревар во дресот со националниот тим, Влатко Митков зголеми за првпат на плус 3, 7:4, но Чесите вратија со брзи голови и намалија на 7:6.

Откако промаши Штелик, а Хрстка доби 2 минути, Македонија повторно се одлепи на плус 3, 10:7. Капитенот Лазаров промаши пенал, но на спротивната страна се реваншираа и Бабак и Штелик, па Талески од лево крило донесе и плус 4, 11:7.

Ристовски одбрани пенал, но Пешевски не реализираше зицер ситуација за „петка“. Пикерот на Металург се поправи во следниот напад и Македонија за првпат имаше плус 5, 12:7. Беше и 13:8, па 14:9. Опасниот Кашпарек стрелаше два пати по ред во мрежата на Ристовски, но двојниот цепелин меѓу Лазаров и Манасков за 16:10 на паузата, предизвика ерупција од воодушевување во преполната сала.

Само што почна вториот дел, Кашпарек доби 2 минути казна, а Стоилов постигна прекрасен гол за 17:10. Грешките во чешкиот напад продолжија и понатаму, па Манасков донесе плус 8, во 34 минута, 18:10. Ристовски продолжи да ги брани ударите на гостите, а нашите репрезентативци го полнеа голот на Галија, па во 44 минута веќе имавме плус 10, 25:15.

До крајот немаше никакви дилеми околу победникот на дуелот, па публиката можеше само да ужива во мајсториите на македонските репрезентативци, а една таква направија Георгиевски и Филип Лазаров со цепелин ја погодија мрежата на Галија. Имавме и плус 11, 27:16, а во финишот и Никола Митревски се запиша во листата на стрелците со ударот од гол на гол. Конечниот резултат беше 33:20.

Најдобар поединец беше капитенот Кире Лазаров со 11 голови од 12 удари, Манасков беше стрелец на 6, а Пешевски на 4 погодоци, додека се истакнаа и голманите Ристовски со 14 одбрани и Митревски кој бранеше 15 минути одбрани 6 удари. Македонија по петти пат ќе биде дел од континенталните шампионати, а десетти пат на големите натпреварувања. Противниците ќе ги дознаеме на 23 јуни на ждрепката во Загреб.