Битолчанки го добија првиот дел, но Вардар сo пресврт трите бода

Ракометарките на Вардар дојдоа до нова победа и го одржаа чекорот со екипата на Куманово, откако денеска го совладаа составот на Пелистер со 24:22. На средбата во која и двете екипи имаа свои моменти на крајот победата им припадна на вардарки кои во клучните моменти знаеја како да одиграат и да стигнат до трите бода.

Средбата имаше две различни полувремиња. Првото им припадна на гостинките од Битола кои успеаја да ги затворат приодите кон својот гол и да бидат далеку подобри. Имаа и добра поддршка од Кицеска која одбрани многу удари. Сетоа тоа овозможи да биде обезбедена предност која до крајот на првото полувреме беше задржана на три гола, па на одмор Пелистер имаше 9:6.

Во вториот дел се виде поефикасна игра на двете страни. И Вардар и Пелистер имаа порасположени ракометарки во нападот, а тоа овоможи да има и поголемо надигрување. Двете екипи покаѓаа многу повеќе, а пресвртот тргна после 15:18.

Тука Вардар имаше серија од 5:0 и дојде до предност од 20:18, резултат кој беше клучен за да се влезе во добра завршница. Битолчанки се разбудија од лошиот период и почнаа да играат, но сега мораше да бркаат резултат, а во таква игра имаше и грешки. Тоа младите вардарки го казнуваа и лесно пресекуваа топки, па на крајот се израдуваа на победа од 24:22 и на нови бодови со кои дојдоа на збир од 19 поени со кои се израмнија со Куманово. Воедно сега и Вардар и Куманово имаат само два бода помалку од лидерот Металург.

ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР    24:22 (6:9)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 300. Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.

ВАРДАР: Илиќ (10 одб., 1 сед.), Грујовска, Ѓеоргиевска, Џатевска 1, Ангеловска, Трпевска 4, Гроздановска, Костовиќ 2, Диневска, Миновска, Седлоска 1, Коларовска 6, Јаковчевска, Петковска 1, Дамјановска 2, Николиќ 3.

Седмерци: 2/5, Исклучувања: 6 мин.

ПЕЛИСТЕР: Кицеска (8 одб., 2 сед.), Дурланова (3 одб.), Божиновска 4, Раиф, Глигоријадис, Николовска 4, Блажевска 4, Милосављевиќ, Талевска 3, Чокели 6, Ристова, Филиповска, Белевска, Јанкуловска 1, Каранфиловска.

Седмерци: 0/2, Исклучувања: 14 мин.