Битка за Битола: Ослабените Еурофарм Работник и Пелистер на втор сезонски двобој

Ракометарите на Еурофарм Работник и Пелистер денеска ќе го затворат 10. коло од Суперлигата со вториот сезонски двобој. Во првата битолска битка подобри беа „фармацевтите“ кои на стартот на сезоната славеа со убедливи 22-33.

На овој дуел и двете екипи ќе ги немаат на располагање најдобрите состави. Кај домашниот тим ќе отсуствуваат Горан Кузманоски и повредениот Никола Маркоски, додека кај Пелистер ќе ги нема суспендираните Милош Рајчиќ и Иван Димитровски, како ниту повредените Харис Плех, Бобан Ристевски и Кире Митревски, ниту неодамна отпуштените Владимир Зејак и Мошен Карамиан.

Со каков ростер ќе излезат двата српски стратези, Ѓорѓе Чирковиќ и Јосиф Петковиќ, и дали ќе се штедат силите за важните дуели што им претстојат викендов, останува да видиме. В сабота Пелистер игра важен меч со Пролет за плеј-оф, додека Еурофарм Работник го игра реванш дуелот од ЕХФ Купот против швајцарски Берн.

Натпреварот меѓу битолските ривали е на програмата со почеток од 17:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.