Белорусите останаа со празни раце: Целје ја доби битката во малото финале

Во натпреварот за третото место на СЕХА Ф4 турнирот во Скопје, екипата на Целје успеа да слави над Мешков Брест со резултат 28-31 (14-15). Со овој триумф Целје својот прв наспап на СЕХА Ф4 турнирите го круниса со третата позиција.

Почетокот на натпреварот му припадна на Целје кој предводен од расположените Млакар и Разгор поведе со 1-4 по пет минути игра. Следуваше период во кој белорусите ја пронајдоа својата игра пред се во нападот, па со серијата од 3-0 на Разгор, Шилович и Шумак го вратија натпреварот на самиот почеток израмнувајќи на 8-8 по петнаесетина минути игра. Следуваше нов блесок на Целје, кој одговори на идентичен начин како противникот. Мачковшек ја започна а Јуречиќ ја затвори серијата од 3-0 со која Целје повторно побегна на +3 (8-11) во 22.минута. Словенците ја одржуваа одваа предност до 28.минута, но Љубо Вукиќ со два погодци по ред се погрижи Брест на полувреме да замине со минимална негатива 14-15.

На почетокот на вториот дел Мешков го презема водството. Продановиќ и Хорак погодија за 16-15, а во продолжение гледавме резултатска клацкалка на натпреварот. Додатен ритам во играта на Целје даваше големото изненадување на СЕХА Ф4 турнирот, седумнаесет годишниот ракометар на Целје, Домен Макуц кој прикажа извонредни ракометни способности. Токму на крилјата на тинејџерот Макуц и искусниот Мачковшек, Целје се врати во позитива од +2 (24-26) на десетина минути до крајот на натпреварот. Брест се обидуваше да се приближи, но Целје продолжи со одличната игра и со двата гола на Млакар стигна до највисоки 25-29 во 56.минута. До крајот целјаните успеаа да ја одржат солидната позитива и да слават со 28-31.

Најпрецизен во составот на Целје беше Млакар со седум гола а го следеш Макуц со пет. Кај Брест најрасположени за игра беа Хорак и Шумак со пет гола.

По одигрувањето на натпреварот за третото место и двете екипи ќе бидат парично наградени. Бронзениот Целје ќе добие парична награда од 25.000 евра, додека за Белорусите се предвидени 15.000 евра.

Од 20.15 часот започнува големото финале помеѓу Вардар и ППД Загреб, во кое вардарци ќе се обидат да ја одбранат титулата освоена минатата година во Брест.