Барселона му посака добредојде: Арон Палмарсон е нов соиграч на Борко

Падна договор меѓу шампионите на Шпанија и Унгарија, па суспендираниот среден бек од Исланд, Арон Палмарсон се враќа на терените. После ЕХФ-неделата тој продолжува со играње, а во следните четири години ќе го носи дресот на Барселона.

Палмарсон беше суспендиран од Веспрем, па се најде во немилост на Врањеш откако не беше пријавен за настап во Лигата на шампионите за првите пет меча. Со оглед на тоа што не можеше да се пријави нов играч до завршувањето на 5. коло тој беше во исчекување, а сега веќе е јасно дека е нов член на Барселона и добива можност за играње веднаш после паузата.

Палмарсон беше член на Веспрем од летото во 2015 година, а со Барселона веќе се имаше договорено за трансфер следното лето. Сепак, ситуацијата беше причина Каталонците да побрзаат и да не дозволат Палмарсон да падне во форма. Се споменуваше обесштетување во износ од 1 милион евра, но засега нема ништо официјално дали Веспрем попушти во барањата.

Она што е веќе јасно е дека Палмарсон ќе биде играчот во кој Барса гледа одлична можност за кревање на нивото на играта пред сè во организацијата на нападот, а тој ќе треба да ја дели минутажата со искусниот Раул Ентрериос.

Фото: Твитер